Четири лица се тешко повредени, а три полесно повредени во ноќен клуб во хрватскиот град Карловац поради непрофесионално ракување со алкохолни пијалоци од страна на келнерка (23) која сакала да постигне ефект на оган во локалот, но пожарот зафати неколку луѓе.
Директорката на Општата болница во Карловац, Ивана Ковачиќ изјави дека сите повреди не се опасни по живот, а на лекување се задржани две девојки, двете на возраст од 22 години.
Едната има изгореници на лицето, а другата на горниот дел од телото и рацете, додаде таа.
„Тие имаат изгореници кои покриваат 27 отсто од нивните тела. Останатите се испратени дома“, рече Ковачиќ.
Несреќата се случила во неделата кон понеделникот, околу 2.30 часот. Од полициската управа Карловац соопштија дека е извршена истрага и најавија продолжување на кривичната истрага за да се утврдат сите околности.
Ноќниот клуб во кој се случи несреќата им се извини на гостите и им понуди помош на повредените и на оние кои инаку беа оштетени.