Што се подготвува: Зошто Безос и Закерберг (рас)продаваат акции во сопствените компании?

Инсајдерска продажба на големи количества акции од страна на високи раководители никогаш не е добар знак, предупредуваат експертите

од Бети Божиноска
226 прегледи

Питер Тил, Џеф Безос и Марк Закерберг се на чело на парадата корпоративните инсајдери кои овој квартал продадоа стотици милиони долари во акции од своите компании, сигнализирајќи дека неодамнешниот скок на берзата можеби го достигнува својот врв.

Како што пазарите достигнаа рекордни височини, односот на корпоративните инсајдерски продажби и инсајдерските купувања е на највисоко ниво од првиот квартал на 2021 година, покажуваат податоците од Verity LLC, компанија која го следи инсајдерското тргување.

Минатата година, акционерите избегнуваа да продаваат акции поради намалените вредности на компаниите, објаснува „Фајненшл тајмс“. Заработката од оваа сезона покажува дека неодамнешниот пораст на вредноста на технолошките компании, поттикнат од возбудата поради порастот на генеративната вештачка интелигенција, наскоро ќе исчезнат.

„Ако мислат дека сме на врвот, а тие се извлекуваат, тоа е прилично јасен сигнал за сите останати“, вели Чарлс Илсон, претседател за корпоративно управување на Универзитетот во Делавер.

Многу од најголемите продажби овој квартал дојдоа од технолошки директори. Тил, ко-основачот на групата за анализа на податоци „Палантир“, овој месец продаде акции во вредност од 175 милиони долари, што е негова најголема продажба откако откупи 504,8 милиони долари од акциите на компанијата во февруари 2021 година.

Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, продаде 50 милиони акции во групата за е-трговија во февруари во вредност од 8,5 милијарди долари. Извршниот директор на „Амазон“,  Енди Џеси, продаде 21,1 милиони долари во акции годинава, во споредба со 23,6 милиони долари во 2023 и 2022 година заедно.

Закерберг, извршниот директор на „Мета“, со години продава акции од компанијата вредни милиони долари. Сепак, годинава тој ја зголеми својата продажба зашто вредноста на акциите на неговата компанија достигна највисоко ниво на сите времиња.

На почетокот на февруари, тој продаде 291.000 акции за 135 милиони долари, што е негова прва продажба од тој обем од ноември 2021 година. Закерберг сè уште поседува 13,5 отсто од акциите на компанијата, што го прави најголемиот акционер.

Според Бен Силверман од Verity,  продажбата на корпоративни инсајдерски акции е негативен сигнал за кој инвеститорите треба да бидат свесни.

„Инсајдерската продажба на големи количества акции од страна на високи извршни директори никогаш не е добар знак. Тоа значи дека нашле подобро место да ги распоредат своите средства од компаниите што ги водат“, објасни Илсон.

 

Слични содржини