Трамп: Само будала немаше да реагира како Израел на 7 октомври

Сепак, Трамп предупреди дека Израел во голема мера ја губи поддршката и дека мора да ја заврши војната во Појасот Газа пред дополнително да ја наруши својата репутација.

од Бети Божиноска
219 прегледи

Доналд Трамп ја поддржува одбрамбената војна на Израел против Хамас и вели дека би одговорил на многу сличен начин како израелските власти по нападите на 7 октомври, но смета дека Израел треба да ја приведе својата војна кон крај.

„Она што го видов на 7 октомври е една од најтажните работи што сум ги видел. Само будала не би го сторил тоа што го направи Израел,“ истакна тој во интервју за „Израел хајом“.

Претходно во октомври, Трамп тврдеше на „Фокс њуз“ дека Нетанјаху „не бил подготвен“ за напад на Хамас. На предизборен настан подоцна истиот ден, тој изјави дека израелскиот премиер мора да го „доведе во ред својот разузнавачки апарат“.

Сепак, Трамп предупреди дека Израел во голема мера ја губи поддршката и дека мора да ја заврши војната во Појасот Газа пред дополнително да ја наруши својата репутација. Поранешниот американски претседател го нарече израелското уништување цивилни домови во Газа „многу голема грешка“ и го повика Нетанјаху брзо да ѝ стави крај на војната.

„Светот секоја вечер гледаше како зградите се уриваат врз луѓето. Треба да ѝ ставите крај на вашата војна. И сигурен сум дека ќе го сторите тоа. Мора да постигнеме мир, не можеме да дозволиме ова да се случи “, додаде тој.

Во интервјуто, Трамп го обвинува Џо Бајден за војната во Израел.

„Тој не може да зборува. Многу е глупав. Тој е глупава личност. Неговата надворешна политика цели 50 години беше ужасна. Ако ги погледнете луѓето кои беа во другите администрации со него, тие го гледаа како слаб, неефикасен претседател , тие [Хамас] никогаш немаше да го изведат тој напад ако јас бев таму“.

Говорејќи од својот дом во Флорида, Трамп исто така изрази разочарување од Евреите кои не го поддржуваат:

„Тие го мразат Израел,“ посочи тој.

Трамп беше близок сојузник на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на својот мандат во Белата куќа и се опиша себеси како „најпроизраелски претседател на САД во историјата“.

На барање на Нетанјаху, Трамп воведе санкции кон Иран и ја премести Американската амбасада во Израел во Западен Ерусалим. Тој, исто така, посредуваше во Абрахамскиот договор со кој се нормализираа односите на Израел со Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Мароко и со Судан.

Нивниот однос, сепак, се влоши кога Нетанјаху му честиташе на американскиот претседател Џо Бајден за неговата изборна победа над Трамп во 2020 година.

 

Слични содржини