Голема катастрофа го погоди Мадагаскар – циклонот однесе 11 животи

од Симе Стоиков
210 прегледи

Најмалку 11 лица загинаа во циклонот Гамане, што во средата го погоди Мадагаскар, соопшти Националното биро за управување со ризици и катастрофи (БНГРЦ), пренесува Анадолу.

Се наведува дека повеќе од 7.100 луѓе биле погодени од циклонот кој донесе силен ветер и обилни врнежи.

Три региони на островската држава на југоисточниот брег на Африка, вклучувајќи ги Сава, Дијана и Аналангирофо, беа погодени, при што повеќето од жртвите се удавија или настрадаа од паднати дрва.

Локалниот весник „Трибјун Мадагаскар“ објави дека поплавите ги оштетиле патиштата и мостовите, што го оневозможува патувањето од еден регион во друг.

„Во тек се операции за евакуација и хуманитарна помош, а преземени се мерки за доставување помош по воздушен пат во следните 24 часа“, пишува весникот.

Како што се наведува, мобилизирани се вооружените сили, како и екипите на МУП и БНГРЦ за спасување на заробените лица, нивно преместување на побезбедни локации и обновување на комуникациските линии.

Мадагаскар е меѓу десетте африкански земји кои се најмногу изложени на природни катастрофи и е прв на континентот по штети предизвикани од циклони.

Слични содржини