Финска го продолжи затворањето на границата со Русија на неопределено време

Одлуката за затворање на границата од 15 април ќе вклучува и гранични премини во три пристаништа за мали чамци, меѓу кои у Нуијама и Сантио, пренесува финскиот јавен сервис YLE.

од Бети Божиноска
188 прегледи

Финското Министерство за внатрешни работи соопшти денеска дека границата на земјата со Русија ќе остане затворена на неопределено време, пренесува „Ројтерс“.

„Не видовме ништо што би не навело да заклучиме дека ситуацијата е променета. Покрај тоа, пролетта ќе даде шанса да се изврши поголем притисок врз Финска. Во близина на финската граница на руска страна има стотици, а можеби и илјадници луѓе кои би можеле да бидат инструментализирани против Финска“, посочи финската министерка Мари Рантанен во изјавата.

Одлуката за затворање на границата од 15 април ќе вклучува и гранични премини во три пристаништа за мали чамци, меѓу кои у Нуијама и Сантио, пренесува финскиот јавен сервис YLE.

„Со затворање на граничните премини за поморски сообраќај, владата се подготвува за можноста инструменталната миграција да се прошири и во поморскиот сообраќај како што напредува пролетта“, се вели во соопштението на финското Министерство за внатрешни работи.

Во него се додава дека тоа би било опасно за луѓето кои се обидуваат да влезат во Финска и би ги оптоварувало поморските операции за пребарување и спасување.

Финска ја затвори својата источна граница во декември минатата година, кога тамошните власти ја обвинија Русија дека го организира протокот на баратели на азил од трети земји преку границата како средство за хибридно влијание.На почетокот на годината одлуката за затворање беше продолжена до 14 април.

YLE пишува дека финската влада планира наскоро да побара од парламентот да воведе построг закон за границата, кој ќе им овозможи на властите веднаш да ги врати во Русија мигрантите за кои се смета дека немаат основа да бараат азил.

Предлог-законот беше критикуван за кршење на меѓународните договори за границата.

Слични содржини