Американскиот фармацевтски гигант „Eli Lilly“ гради фабрика во Алзи, во близина на Мајнц, вредна повеќе од две милијарди евра, за производство на активна супстанца за намалување на мастите.
Ова го пренесува познатото радио „FFH“, соопштувајќи дека федералниот канцелар Олаф Шолц и министерот за здравство Карл Лаутербах денеска ќе учествуваат на церемонијата на поставување на камен-темелникот на американската фармацевтска компанија која ветува 1.000 вработувања.
Малу Драјер, премиерот на Рајнска област-Пфалц, ќе присуствува на симболичниот почеток на изградбата.
Досега, инјекциите за отстранување маснотии беа одобрени само за дијабетичари и луѓе со тешка дебелина. Сепак, некои производители претпоставуваат дека порано или подоцна на препаратите ќе им биде дозволено да се продаваат како инјекции против дебелината.
Како што беше најавено, тоа треба да биде еден гигантски бизнис вреден милијарди долари ширум светот.
Компанијата „Eli Lilly“, со седиште во Индијанаполис, е еден од најголемите фармацевтски производители во светот. Со своите пет погони, оваа компанија е активна во Германија од 1960 година, а минатата година со околу илјада вработени остварила промет од 905 милиони евра, пренесува ДПА.
„Eli Lilly“ веќе продава инјекција за слабеење во САД под името Zepbound и се натпреварува со сличен производ од данската компанија Novo Nordisk.
Сепак, тие се уште немаат одобрение за продажба на овој производ во Европа. Се очекува да пристигне на почетокот на следната година.