Екстремниот маратонец Рас Кук, ја заврши својата трка долж цела Африка во Тунис, откако помина низ 16 земји во одисеја од 352 дена, во која бил ограбен и затровен со храна.
Кук ја започна својата авантура минатиот април од најјужната точка во Африка во селото L’Agilas и продолжи по западниот брег на континентот, трчајќи вкупно 16.000 километри.
„Првиот човек што ја истрча цела Африка. Мисијата е остварена“, напиша Кук на социјалната мрежа X.
Овој 27 – годишник патувал низ Намибија, Ангола, Демократска Република Конго, Камерун, Нигерија, Бенин, Того, Гана, Брегот на Слоновата Коска, Гвинеја, Сенегал, Мавританија и Алжир, пред да пристигне во Рас Анџела во неделата навечер.
Издржливиот спортист на патот собра повеќе од половина милион британски фунти за добротворни цели.
– Досега се собрани близу 600.000 фунти (скоро 700.000 евра) за две хуманитарни организации, Sandblast и Running. Се надевам дека ќе стигнеме до милион фунти, Рас ќе достигне милион фунти со неговото собирање средства, тоа е целта, изјави Симон Клима од хуманитарната платформа Givestar.
На последниот дел од патувањето Кук беше придружуван од страна на негови обожаватели, од кои многумина пристигнале со авион, само за да бидат таму.
„Видов објава на Инстаграм, каде ги покани сите. Лежев на каучот, беше недела попладне. Кога видов дека секој кој сака може да оди, не сакав да ја пропуштам оваа луда историска шанса“, изјави Ворен Блејк од САД.
Кук, кој патем беше облечен во фудбалски дрес од Англија, по пристигнувањето на новинарите им рече дека е „прилично уморен“, пред да го испие својот заслужен напиток од јагоди.