Недостигот од ИТ експерти во германската економија значително ќе се зголеми во следните години доколку не се преземат контрамерки, покажува долгорочното истражување на дигиталното здружение Битком.
Без соодветна политика, на Германија би можела да и недостигаат околу 663.000 ИТ професионалци во 2040 година. Здружението пресметува дека моментално има недостиг од 149.000 стручњаци.
Голем јаз ќе се појави првенствено поради зголемената потреба од програмери, системски администратори и други ИТ специјалисти. До 2040 година ќе треба да се пополнат вкупно 1,92 милиони работни места. Но, се нудат само 1,26 милиони квалификувани работници.
Претседателот на Битком, Ралф Винтергерст, рече дека покрај овие бројки, има илјадници непополнети ИТ работни места во администрацијата, училиштата и научните институции.
„Недостигот од ИТ професионалци, кој со години се влошува, ја погодува целата земја и ја забавува многу потребната дигитализација.
Проширениот јаз во ИТ вештините значи губење на конкурентноста, додадената вредност, растот и просперитетот.
„Без ИТ експерти, Германија ја губи својата дигитална иднина“, рече Винтергерст.
Од индустриското здружение објаснија дека состојбата може да се подобри.
Околу 108.000 дополнителни квалификувани работници можат да влезат на пазарот до 2040 година. Доколку се привлечат повеќе студенти и чираци, ако се зголеми интересот за ИТ кај женската популација и се запре откажувањето од студиите по компјутери.
За да се постигне оваа цел, потребни се мерки како што се воведување поголем број на часови по информатика во училиштата низ Германија, како и отворање катедри за компјутерски науки, дигитализација и вештачка интелигенција.
Дополнителна контрамерка е задржување на постарите вработени над возраста за пензионирање. Тоа значи дека разликата може да се намали за уште 68.500 места, пишува ДПА.