Петрова: Поништен огласот за редовно вработување во ЈЗУ „Здравствен дом на Скопје“

од Vladimir Zorba
357 прегледи

Во голготата за редовно вработување на 1,117 здравствени работници, дојдовме до разрешница – ПОНИШТУВАЊЕ НА ОГЛАСОТ за редовно вработување во ЈЗУ „Здравствен дом на Скопје“, наменет (?) за лицата кои се или биле ангажирани со договор на дело. Ако здравствените власти и сите министри за здравство биле искрени и фер, ќе го решеле статусот на работниот однос на здравствените работници многу одамна, не оставајќи ги со години како „договорци“. Сега, на крај на политичкиот мандат, „се заглавија“ во своите обиди да прикажат дека нешто прават и дека некој друг е виновен, а всушност се работи за „политичко мамење“ и играње со судбината на овие лица, соопшти Елена Петрова, дополнителен заменик-министер за финансии.

За поништувањето на огласот вчера ме известија синдикалните претставници Боби Бојчевски – национален координатор во Независниот синдикат на здравствени работници, Гоце Делчев Тодев – генерален секретар на КСОМ (Конфедерација на синдикални организации на Македонија) и Марјан Ристески – претседател на КСОМ. Ова се надоврзува на информациите кои веќе ги споделив во јавноста, дека:

– во Буџетот за 2024 год. не се обезбедени средства за бруто плата за 1,117 здравствени работници (доказ: допис од ФЗО до Владата од 18/03/2024 год.)

– по распишување на изборите, итни и неодложни потреби согласно закон се решаваат во точно определени случаи со вработување на определено време, а не со договор на дело, за што доставив известување до ДКСК.

На состанокот со синдикалните претставници разговаравме и за статусот на лицата кои се на приватни специјализации, усогласувањата на платите со Законот за минимална плата во јавните здравствени установи, како и изедначување на вредноста на бодот за плати на исто ниво во сите установи.

Преку искрен пристап и отворен дијалог ќе се надминат сите проблеми со кои се соочуваат вработените во јавното здравство, со цел да го добијат заслуженото место во општеството. За неколку недели од сега новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ сериозно ќе се зафати со систематско решавање на овие проблеми во интерес на граѓаните, додава Петрова.

 

Слични содржини