Арсовска со повеќе прашања: Ако министерката за култура знаела за пожарот во Универзална пред 9 часот, зошто не го пријавила?

од Nikola Popovski
571 прегледи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска соопшти дека Градот воопшто не бил информиран за отпочнување на градежните активности во Универзалната сала, пред да се случи пожарот во изминатата недела. Арсовска постави повеќе прашања, упатени до Министерството за култура и до фирмата изведувач. Таа потенцира дека Градот останува сопственик на објектот.

-Зошто министерката за култура ако дознала за пожарот пред 9 часот, истиот не го пријавила? Зошто ако работниците и инженерката на фирмата се обидувале да го гаснат пожарот и откако не го локализирале, не пријавиле и не побарале помош од Противпожарната бригада на Град Скопје, каде многу подоцна е пријавен пожарот од страна на случаен минувач? На што се должи изјавата на Лазар Арсовски, сопственик на фирмата изведувач дека причината за пожарот е стар кабел или инсталација? Каде поточно е започнат пожарот? Врз основа на кој проект е продолжено да се реконструктуира Универзалната сала, беа само дел од прашањата на градоначалничката на денешната прес-конференција во просториите на Град Скопје.

Вели дека против неа се создала голема хајка во изминатите години, со изјави дека „не поседувала способност за да ја продолжи реализацијата на Универзалната сала“.

-По две години и увидување на неможноста да се реализира оваа реконструкција, гледате дека мистериозно има пожар на Универзалната сала, во моментот кога е веќе отпочната на терен од страна на Министерството за култура. Бев напаѓана дека не дозволувам продолжување на проектот на реконструкција кога на секој наш граѓанин му е јасно дека градоначалникот нема ингеренции, ниту надлежности да пренесе право на реконструкција или било каква одлука со сопственост на имотот на Град Скопје, без соодветна одлука на Советот. Имаше многу невистини од жената која се уби од лажење во изминатите месеци, додаде Арсовска.

Градоначалничката приложи документ, според кој, како што рече, не може повеќе да се работи и гради на проектот за Универзалната сала. Според неа, фирмата изведувач работела спротивно на основниот проект.

-Има три столбови кои понатаму ИЗИС детектира дека по тој проект на може да се работи. Позитивното мислење на сеизмичната заштита по овој проект е поништено, а проектантот Бујар Муча доставува некакво техничко решение каде што има четири столбови кои во тој момент си ги има доградувано самиот изведувач на терен, посочи првиот човек на општината.

Од полицијата велат дека пожарот е пријавен во СВР Скопје во 09.45 часот во СВР Скопје. По добиената пријава, на терен се упатиле полициски службеници и припадници на Бригадата за противпожарна заштита, кои околу 11.30 часот го изгасија пожарот. Причината за пожарот во салата, која почна да се реновира пред еден месец, засега не е позната.

Слични содржини