Тренерот на Барселона, Чави Ернандез изјави дека судијата бил катастрофален на реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен, кој неговиот тим го загуби со 1:4, по што беше елиминиран од натпреварувањето.
Барселона синоќа на домашен терен загуби од Пари Сен Жермен со 1:4 во реванш четвртфиналето на Лигата на шампионите и со вкупен резултат 4:6 испадна од натпреварувањето.
„Судијата беше навистина лош. Му кажав дека неговиот настап е катастрофален. Не сакам да зборувам за судии, но тој имаше јасно влијание на сезоната и тоа мора да се каже“, изјави Чави за „Мовистар плус“, пренесе „Скај“.
Судијата Иштван Ковач синоќа поради прекршок го исклучи фудбалерот на Барселона Роналд Араухо во 29. минута, а црвен картон во 56. минута доби и Чави. По натпреварот тој излезе на теренот и протестираше кај судијата.
„Многу сме вознемирени и лути бидејќи црвениот картон беше одлучувачки фактор во играта. Со 11 играчи бевме во добра позиција, одигравме добро и имавме иницијатива. Претерано е да се даде црвен картон на ваков натпревар. Штета што целата работа на сезоната беше уништена со непотребно исклучување“, изјави тренерот на Барселона.
Пари Сен Жермен во полуфиналето ќе игра против Борусија Дортмунд, која синоќа во реваншот го победи Атлетико Мадрид со 4:2, откако на првиот натпревар во Шпанија загуби со 1:2.