Жена од Калифорнија поднела тужба против Tesla, тврдејќи дека дефектот во дизајнот на Model X му дозволил на нејзиниот двегодишен син да го стартува автомобилот и да ја удри додека била бремена.
Станува збор за Мелори Харкорт, која со сопругот во 2018 година купила Model X, пред се затоа што мислеле дека е безбеден. Меѓутоа, два дена по Божиќ дошло до несреќа поради која таа ја преиспитала одлуката да го купи овој електричен автомобил и поднела тужба, пренесува Klix.
Според тужбата, Харкорт пристигнала дома на денот на инцидентот и сфатила дека ги заборавила клучевите од влезната врата на клиниката за хиропрактика во сопственост на нејзиниот сопруг. Меѓутоа, бидејќи морала да го пресоблече својот двегодишен син, решила да постави маса за пресоблекување во гаражата пред да се врати за да го земе клучот. Таа ја извадила пелената од автомобилот, но ја оставила возачката врата отворена. Додека била зафатена, момчето се оддалечило од неа и влегло во автомобилот, а кога го видела, му рекла да излезе од возилото и тргнала кон Model X.
Меѓутоа, момчето ја притиснало сопирачката, па ја допрело рачката на менувачот, а потоа и педалата за гас. Model X стартувал, достигнал брзина од 12 км/ч и удрил во Мелори. Таа тврди дека немала време да реагира, а дека само го слушнала пукањето на сопствените коски. Соседот повикал брза помош, а откако била пренесена во болница, било утврдено дека жената се здобила со скршеница на карлицата. Во тој момент била бремена во осми и пол месец, а поради несреќата се породила седум дена подоцна.
Харкорт мораше да помине седум дена во болница, по што медицинските трошоци достигнале 73.000 долари, велат нејзините адвокати. Иако повредите се санирани, таа наведува дека се уште чувствува болка, додека нејзиниот син е емотивно трауматизиран од несреќата. Нејзините адвокати наведуваат дека може да се очекува од децата да влезат во автомобилот, но не и да го запалат автомобилот. Тврдат дека тоа е резултат на „небезбеден дизајн на Tesla“, а компанијата ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека несреќата е резултат на невнимание на мајката на момчето.