Минималната синдикална кошница за април изнесува 60.212 денари и е за 1.214 денари повисока отколку во март годинава кога беше 58.998 денари. Со изнајмен стан од 60 квадратни метри, пак, изнесува 75.587 денари, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според пресметката на ССМ, од минималната синдикална кошничка едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да одвои 22.200 денари или 36,9 отсто, за облека и обувки 4.866 денари, односно 8,1 отсто, за станарина, вода, електрична енергија, и греење 6.014 денари или 10 отсто, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 1.827 денари или 3 отсто, за здравје 1.059 денари или 1,8 отсто, за транспорт 5.068 денари, односно 8,4 отсто.
Минимална плата од 450 евра, враќање на трошоците за храна и превоз, во износ од 20 проценти од просечната плата, со овие барања Сојузот на синдикати го најави големиот првомајски протест. Претседателот Слободан Трендафилов ги повика и преостанатите синдикати и здруженија да се приклучат и со тоа заеднички да ги подобрат работничките права. Тој објави дека над 20.000 работници добиваат плата под минималната, со месеци доцнат примањата за вработените во Македонски шуми и Водостопанство. Работничкото движење, според него е исправено пред сериозен егзистенцијален предизвик.
Според Трендафилов, од јануари до април граѓаните се посиромашни за речиси 3.000 денари, вели дека ова треба да биде доволен мотив за сите работници да им се приклучат на маршот. Работничкиот протест е закажан за 11 часот. Ќе почне пред Работничкиот дом, па ќе заврши пред Владата.