Шри Ланка планира во блиска иднина да се приклучи на блокот на земји БРИКС, изјави амбасадорката на земјата во Москва, Јанита Лијанаге.
„Оддржани се дискусии и навистина постои желба да се влезе во БРИКС+ во блиска иднина, што ќе овозможи обезбедување транспорт и безбедност на храната и многу повеќе“, изјави Лијанге за новинарите, пренесе Мина.
Според неа, на Меѓународната безбедносна конференција, што се одржува во Санкт Петербург, за ова прашање разговараат две делегации од Шри Ланка, предводени од првиот заменик министер за одбрана и претседателот на Надзорниот комитет за меѓународна безбедност во Парламентот, пренесе РИА Новости.
Како што потсетува руската агенција, БРИКС првично ги вклучуваше Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, но од оваа година бројот на членовите на асоцијацијата е двојно зголемен и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Саудиска Арабија, Иран, Египет и Етиопија станаа полноправни членки.
БРИКС сега обединува десет земји со население од 3,6 милијарди луѓе, а овие земји произведуваат повеќе од 40 отсто од светската нафта и околу една четвртина од светскиот извоз на стоки.