Курти од Шолц побара поддршка за Советот на Европа

од Илинка Илиоска
331 прегледи

Косовскиот премиер Албин Курти телефонски разговарал со германскиот канцелар Олаф Шолц. Курти рекол дека се надева Германија ќе ја поддржи кандидатурата на неговата земја во Советот на Европа.

На 16 април, мнозинството пратеници на Парламентарното собрание на Советот на Европа го поддржаа извештајот со кој се препорачува членство на Косово во оваа организација со седиште во Стразбур.

За гласаа 131 пратеник, против 29, а воздржани 11.

Работата сега е во рацете на министрите за надворешни работи на Советот на Европа, кои конечно треба да одлучат дали Косово ќе стане најновата членка на организацијата.

Следниот состанок на Советот на министри ќе се одржи кон средината на мај. Советот на министри за надворешни работи на Советот на Европа се состанува еднаш годишно, традиционално во мај.

Во телефонскиот разговор со Шолц, косовскиот премиер рече дека му изразил благодарност за „непоколебливата поддршка на Германија за Косово“.

„Ја нагласив надежта дека Германија ќе ја поддржи нашата кандидатура за членство во Советот на Европа во согласност со препораките на Парламентарното собрание. Ја потврдив и нашата посветеност за целосно спроведување на Основниот договор“, напиша Курти на Твитер.

Советот на Европа е меѓународна организација за човекови права, демократија и владеење на правото во Европа, со седиште во Стразбур, Франција, основана во 1949 година.

Советот ги штити слободата на изразување и медиумите, еднаквоста и малцинствата во земјите-членки.

Една од директните придобивки на граѓаните на Косово од евентуалното членство во Советот на Европа ќе биде пристапот до Европскиот суд за човекови права [ЕСЧП].

Србија, земја која се противи на членството на Косово во оваа организација, имаше предложено измени на текстот за препораката Косово да биде примено во оваа организација.

Преку нив беше побарано Косово да не биде примено во Советот на Европа додека Советот за безбедност на Обединетите нации не донесе одлука за статусот на Косово.

Србија побара и во продолжението на процесот, формирањето на Заедницата на општините со српско мнозинство да биде услов за Косово.

Слични содржини