Вучиќ: Целта на Резолуцијата за Сребреница е воена оштета

од Nikola Popovski
751 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека усвојувањето на Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница служи за барање воени репарации од Србија, додека целта за влезот на Косово во Советот на Европа е тужба против Србија, признавајќи дека не нема голема шанса да се запрат овие процеси.

Српскиот лидер, како што јави агенцијата ФоНет, на новинарите им рекол дека резолуцијата за Сребреница претставува „брутално газење на Дејтонскиот мировен договор“, со кој војната во Босна и Херцеговина беше запрена во 1995 година и дека одлуката ќе се донесе со прегласување. Покрај тоа, тој тврди дека многумина со мака ќе гласаат за резолуцијата, но дека некои сакаат „да го покријат својот молк за Газа и да им кажат на муслиманите: „Го најдовме виновникот, еве ви ги Србите“ и дека „многу исламски земји вака го сфатиле ова“.

Резолуцијата за Меѓународниот ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница треба да биде изгласана од Генералното собрание на ОН во мај.

Предлогот, меѓу другото, повикува на осуда на негирањето на геноцидот во Сребреница и глорификација на одговорните за убиствата на околу 8.000 бошњачки цивили во јули 1995 година.

Србија се противи на резолуцијата, сметајќи дека колективната вина е наметната на српскиот народ, а во ОН ја очекуваат поддршката на Русија и Кина, како и земјите од Африка и Јужна Америка.

Во 2015 година, во Советот за безбедност на ОН, Русија го блокираше усвојувањето на резолуцијата за осуда на геноцидот во Сребреница, која беше предложена од Велика Британија, а поддржана од Соединетите Американски Држави и земјите од Европската Унија.

Пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, масовното злосторство во Сребреница беше означено како геноцид извршен од припадниците на војската на босанските Срби, а Србија (тогаш во заедница со Црна Гора) беше означена како одговорна што не направила ништо за да го спречи и да ги казни извршителите.

За геноцидот и злосторствата во Сребреница, повеќе од 50 лица беа осудени на повеќе од 700 години затвор пред меѓународните судови и судовите на БиХ.

Вучиќ рече дека се очекува седницата на Советот за безбедност на ОН да се одржи на 9 мај, а резолуцијата за Сребреница и одлуката за влез на Косово во Советот на Европа да бидат донесени во истата недела, од 10 до 16 мај.

Слични содржини