Дарко Каевски како директор на Агенцијата за млади и спорт заобиколувајќи ги законските процедури извршил распределба на пари преку така наречените ваучери до клубови и федерации, кои одредена фирма ги реализирала под услов дел од парите да ги добие назад преку даночно ослободување, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ откако Обвинителството информира дека поднело обвинителен предлог против 12 лица поради злоупотреба на службената положба и овластување. Меѓу дванаесеттемина се и актуелниот директор на АМС, Наумче Мојсоски, и ексдиректорот на Агенцијата, Каевски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, „Каевски е фатен на дело и веќе на сите им е јасно зошто излегуваше и ширеше лаги и манипулации во јавноста“.
-Време е Македонија да се ослободи од криминалците како Каевски. Време е да ја вратиме Македонија на народот. Македонија повторно твоја, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски.
Каевски веќе се огласи во јавноста и ги отфрли сите обвинувања на ОЈО, сметајќи ги за неосновани и тенденциозни. Тврди дека го нема прекршено законот во ниту еден случај и тоа ќе се докаже.
-Не навлегувам во мотивите на ОЈО да бидам опфатен со ваква постапка, постои сомнеж дека ова е можеби и злоупотреба за избораната кампања, но едно е сигурно вистината ќе се потврди. Дополнително на ова вештачењето е од 25.04.2024 година ден после првиот круг од претседателските избори, а предлогот е доставен за 3 работни дена потоа, порача меѓу другото пратеникот на СДСМ.
Меѓу обвинетите е и претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димовски, кој во времето за кое се однесува случајот бил на чело на Централната комисија на АМС за доделување на ваучерите. Тој и преостанатите девет лица опфатени со обвинителниот предлог се осомничени за кривично дело несовесно работење.
Ваучерите кои почнаа да се доделуваат во 2018 година за финансирање на спортот се најавуваа како систем токму за заштита од финансиски малверзации.