Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата во Македонија

од Nikola Popovski
188 прегледи

Работната група на Советот за човекови права на Обединетите нации денеска на состанок во Женева по четврти пат ги разгледува податоците за состојбата на човековите права во земјава. Македонија е една од 14-те држави што треба да бидат прегледани од страна на работната група на универзалниот периодичен преглед на седницата, што се одржува од 29-ти април до 10-ти мај.

Работната група на УПП се состои од 47 земји-членки на Советот за човекови права, секоја од 193-те земји-членки на ОН може да учествува во прегледот на земјата.

-Документите врз што се темелат прегледите се: 1) националениот извештај – информации обезбедени од страна на државата што се разгледува; 2) информации содржани во извештаите на независни експерти за човекови права и групи, познати како специјални процедури, договорни тела за човекови права и други ентитети на ОН; 3) информации обезбедени од други засегнати страни, вклучувајќи ги националните институции за човекови права, регионалните организации и групите за граѓанско општество, се појаснува во соопштението.

Претходните ревизии на состојбата со човековите права во Северна Македонија се одржаа во мај 2009 година, јануари 2014 година и јануари 2019 година.

Македонска делегација предводена од министерот за надворешни работи Османи присуствува во Женева. Тројката известители за преглед на човековите права во земјава се Албанија, Бенин и Финска.

Неодамна, Стејт департментот на САД го објави извештајот за состојбата со човековите права во Македонија во 2023 година, во кој, меѓу другото, беа регистирирани сериозна владина корупција и сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, вклучително и насилство и закани со насилство врз новинари.

Слични содржини