Берлин го повика на разговор рускиот вршител на должност поради кибер напад врз членови на германската Социјалдемократска партија

од Илинка Илиоска
223 прегледи

Германската Влада денеска соопшти дека го повикала на разговор вршителот на должност на Руската амбасада по обвинувањата испратени до руските разузнавачки служби дека тие стојат зад кибер нападот врз членови на германската социјалдемократска партија (СПД).

„Тоа е јасен дипломатски сигнал да се повика вршителот на должноста да и пренесе на руската Влада дека нема да прифатиме такво дејствување“, изјави за новинарите портпаролот на германското Министерство за надворешни работи.

Претходно денеска, германската министерка за надворешни работи Анален Бербок, која е во посета на Австралија, обвини група руски хакери дека извршиле „неподнослив“ кибер напад врз СПД, партијата на канцеларот Олаф Шолц.

Таа рече дека кибер нападот може да се припише на групата наречена АПТ28, која ја води руската воена разузнавачка служба.

„Со други зборови, тоа беше кибер напад поддржан од Русија против Германија, и тоа е апсолутно неподносливо и неприфатливо и ќе има последици“, додаде Бербок на прес-конференција во Аделаида.

Министерката прецизираше, без да даде дополнителни детали, дека федералната истрага за нападот насочен против германската партија СПД, водечката партија во владејачката коалиција, во јануари 2023 година е практично завршена.

Германската Влада подоцна соопшти дека кибер нападот не бил само насочен кон таа политичка партија, туку и кон владини служби, фирми од секторот логистика, вооружувањето, воздухопловниот сектор и повеќе фондации и здруженија.

Слични содржини