Османи изразил загриженост до странските амбасадори за „крадење на изборната волја“

од Nikola Popovski
297 прегледи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во текот на вчерашниот ден оствари средби со четири амбасадори на странски земји. Иако на официјалниот профил на министерот не беше објавено дека разговарале за изборниот процес, шефот на македонската дипломатија на својот приватен Фејсбук профил објави дека им се пожалил на амбасадорите за компромитирање на изборниот процес во земјава.

„Денеска се сретнав со амбасадорите на САД, Германија, Велика Британија и Холандија. Изразив загриженост за компромитирање на изборниот процес со самоволни одлуки на ДИК, со намера да се украде изборната волја со правење политички инженеринг и со отповикувачки одлуки. Ја изразив и неопходноста од почитување на договорот од Охрид, Преспа и за европската иднина на државата“, стои во објавата на приватниот профил на Османи на Фејсбук.

Ден претходно, потпретседателот на ДУИ објави дека тоа што се случува во ДИК е обид за класична кражба на изборната волја преку политички инженеринг, незаконски одлуки и мајоризација. Од неговата партија веќе обвинија дека политичките чинители од македонскиот блок, заедно со коалицијата ВЛЕН, се обидуваат да им одземат пратенички мандати преку приговорите.

Османи на вчерашната средба со американската амбасадорка, Анџела Агелер ја нагласил неопходноста од почитување на Охридскиот рамковен договор и забрзување на евроинтегративниот процес на земјава како споделен стратешки интерес и гаранција за стабилноста.

„Посветеност за зајакнување на билатералните односи на линија на активностите кои произлегуваат од Стратешкиот дијалог со САД“, стои во соопштението за средбата со американската амбасадорка.

Од друга страна, со германската амбасадорка Петра Дрекслер, Османи зборувал за „исполнувањето на условите преку продолжување на реформските процеси и целосно применување на меѓународните договори претставува обврска за С.Македонија за заокружување на европската интеграција“. Вака е наведено во кусото соопштение објавено на официјалниот профил на министерот.

Слични содржини