Партијата Десна, чиј член е првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупло Палевски, соопшти дека Палчо уште од 17-ти јануари побарал да биде екстрадиран во Македонија. Според Десна, „Палчо е бренд и великан на македонската борба“ и поради тоа бараат „да има ВИП безбедносен третман“.
-Палчо треба да биде на безбедно, изолиран од ризици по живот, убиство, труење со храна, пијалоци, нарушување на здравјето, физичко малтретирање и изнудување на признанија, да има лекар што ќе го следи неговото здравје, биохемиска анализа на секој оброк и пијалок што ќе го конзумира, и радиолошка проверка на облеката и обувките што ќе ги носи. Анализа на крвта и урината еднаш неделно, стои меѓу другото во објавата на Десна.
Во текот на вчерашниот ден, Палевски во присуство на припадници на турската полиција, слета на скопскиот аеродром, по што директно беше спроведен во Истражниот затвор „Скопје“. Тој беше пренесен во цивилни возила во сопственост на полицијата.
Палевски ќе биде сместен во посебна ќелија во затворот и ќе се движи по посебен ходник. Просторијата во која ќе биде сместен е веќе подготвена, а мерките за безбедност се на највисоко ниво.
Тој беше уапсен на 6-ти декември минатата година, откако првично избега во Србија, па преку Бугарија стигна во Турција. Турската полиција го уапси во Баликесир. По него беше распишана меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување” и “убиство“
Љупчо Палевски-Палчо е првоосомничен во групата дека ги организирал грабнувањата и дека лично со пиштол ги убил Вања Ѓорчевска од Скопје на 27-ми ноември и Панче Жежовски од Велес на 22-ри ноември минатата година. Ѓорчевска е убиена, па закопана близу Скопје, а Жежовски близу Велес.
За двата свирепи случаи се осомничени уште 5 лица. Тројца од нив се осомничени за двете убиства и киднапирања, таткото на Ѓорчевска е осомничен за киднапирање на ќерка си, додека С. Д. е осомничен дека му помогнал во бегството на првоосомничениот Палевски. Тројца од нив се во притвор.