Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работна средба на Единицата за оперативно-технички работи при Бирото за јавна безбедност во чија надлежност е системот за видеонадзор на сообраќајниците познат како “Безбеден град“.
Во рамки на посетата министерот беше запознаен со работата на оваа организациска единица, тековните активности и проблеми од делокругот на нивната работа.
„Во тој контекст беше истакнато дека во моментот ваков систем е поставен само во Скопје, Куманово и Тетово, има недостаток на покриеност на многу значајни крстосници, а голем дел од камерите и опремата која се користи во овој систем е технички застарена, а дел и неисправна. Исто така бев информиран за наградбата на системот која е во тек, а која опфаќа замена на постојните камери со нови и проширување на системот со нови камери на точки кои досега не беа покриени. Водено, во фаза на тестирање е системот за автоматско евидентирање на сообраќајни прекршоци за чие целосно ставање во функција потребно е да се направат и соодветни законски измени.“, издвои министерот Тошковски од средбата.
Пред неколку дена министерот информира дека веќе почнуваат да се преземаат дејствија во однос на надградба на камерите.
„Со одредена измена на законски решенија кои што ни претстојат, сакаме да овозможиме еден европски систем на мониторинг и надзор на сите прекршочни постапки, со цел да го исклучиме човечкиот фактор и да нема индивидуално влијание на Петре, Трајче, Јанко…Имам еден интересен пример: Имам кумашин кој што живее во Германија и работи како доктор. Кога станува збор за возење, кога е во Германија вози како сааат, но кога ќе дојде овде, некако не му е баш едноставно почитувањето на безбедносните сигнали и правила. И кога ќе го прашам зошто, ми вика: Таму не можеш да си играш со законот – ако возиш 53 км на час, те евидентира камерата и ти стига на домашна адреса. После две, три казни и ти ја земаат возачката дозвола. Зошто и ние да не го направиме тоа? Зошто да не го кренеме степенот“, рече Тошковски во емисијата „Клик плус“.