Одлучувачки момент: Вучиќ на седницата на ОН за резолуцијата на Сребреница

од Илинка Илиоска
699 прегледи

Српскиот претседател Александар Вучиќ допатува во Њујорк каде на 23 мај ќе присуствува на седницата на Генералното собрание на ОН каде ќе се разгледува предлогот-резолуцијата за Сребреница.

Во делегацијата со Вучиќ е и министерот за надворешни работи на Србија Марко Ѓуриќ.

Пред заминувањето за Њујорк и учеството на седницата на Генералното собрание на ОН, Вучиќ утрово присуствуваше на богослужба на српскиот патријарх Порфирије. – Одам во Њујорк да се борам со сета сила и срце за иднината на нашата земја, изјави Вучиќ пред патувањето.

Генералното собрание на Обединетите нации на 23 мај ќе гласа за резолуцијата за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. За резолуцијата требаше да се расправа на 2 мај, но датумот беше поместен од процедурални причини.

Со резолуцијата, исто така, безрезервно се осудува секое негирање на геноцидот во Сребреница и се поттикнуваат државите членки да ги сочуваат утврдените факти преку своите образовни системи со развивање на соодветните програми. Предлагачи на резолуцијата за геноцидот во Сребреница се Германија и Руанда, а Северна Македонија е меѓу повеќето коспонзори на резолуцијата.

Масакрот во Сребреница е прогласен за геноцид и од Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Слични содржини