ВМРО-ДПМНЕ се огласи со реакција по повод случајот со земањето мито од страна на врховниот судија Наке Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети. Според партијата на Христијан Мицкоски, ова е „уште една потврда дека Македонија со власта на СДС и ДУИ ниту била правна држава, а уште помалку европска“.
-И Мемети, како и Георгиев, тесно се поврзуваат за претходната власт, односно важи за исклучително близок за ДУИ. Својата кариера ја почнува кога оваа партија доаѓа на власт и извршува високи функции од правобранител, министер за правда, уставен судија, па до член на Советот на јавни обвинители. Ова е судски октопод. Во судскиот систем владее организирана банда која тргува со правдата и која наместо по словото на законот работи по словото на парите, рече меѓу другото пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Тој побара надлежните институции да го истражат целиот овој случај и многу други.
-Ммислиме дека корупцијата во судството не завршува само со Георгиев и Мемети, туку пипците се многу поголеми и подлабоки, од основни, апелациони судови и обвинителства, па се до високи политички позиции на власта на СДС и ДУИ во заминување, додаде членот на ВМРО-ДПМНЕ.
Судскиот совет синоќа на полноќ, на итна седница му го одзеде имунитетот на врховниот судија Наке Георгиев, со што го одобри неговиот притвор, а го оддалечи и од вршење на судиската функција. Се одзема имунитетот на врховен судија заради непречено водење на кривичната постапка.
„Се одобрува барањето за одобрување на мерка притвор за судија на врховен суд поднесено од судија на претходна постапка на основниот Кривичен суд-Скопје. Времено се оддалечува од вршењето судиска функција, судија на Врховниот суд до правосилно решавање на кривичната постапка“, соопштија од Судски.
Претреси ноќеска се правеле на повеќе локации, како и во Врховниот суд, во канцеларијата што ја користел Георгиев. Полицијата го приведе поради примање поткуп. Бил фатен на дело откако претходно го пријавило лице кое тврдело дека му било барано мито за судски случај.
Доцна синоќа, по наредба на судија на претходна постапка направен е претрес и во Тетово, во домот на Мемети и во службените простории на Советот на јавни обвинители.
Сомнежот е дека тој заедно со осомничениот судија Наке Георгиев имал влијание, злоупотребувајќи ја позицијата член на Советот на јавни обвинители во случајот барање на мито за олеснителни околности за ексградоначалникот Боро Петрушевски, кој е во притвор.
Мемети важи за близок до ДУИ, кој во два мандати беше народен правобранител. Тој е и поранешен министер за правда, уставен судија, државен советник во Владата и член на Државната изборна комисија.