Мемети за Георгиев: Не сме разговарале за предмети, се дружам и пијам кафе со обвинители и судии

од Nikola Popovski
731 прегледи

Членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети денеска на излегување од Основниот кривичен суд Скопје изјави дека дошол на покана на судија во предистражна постапка. Донесено е решение за мерка за претпазливост.

-Друго не би сакал да зборувам и мислам дека е добра работа затоа што е од мој интерес и од интерес на јавноста ова побрзо да се заврши. Обвинителката не ми презентираше докази за предметот, изјави Мемети за медиумите.

Истакна дека целата ситуација го погодува како човек, но посочува дека не е добро да зборува пред медиумите за нешто што се води по судски пат. Мемети уверува дека ќе биде докажано дека не сторил ништо противзаконски.

За неговиот однос со врховниот судија Наке Георгиев, тој изјави дека ги познава сите обвинители и судии и дека се дружи со нив и пие кафе.

-За предмети не сме разговарале, дециден е јавниот обвинител.

Мемети се сомничи за примање награда за противзаконско влијание, односно дека заедно со Георгиев, кој е во притвор, за 10 илјади евра ветувале погодности за обвинет во судски предмет.

Георгиев лани поминал несанкционирано низ „филтерот“ на Судскиот совет, дури и стана негов член, но наместо заклетва, даде оставка бидејќи истиот ден неговиот син беше кандидат за избор на судија. Претставката ја заработи како претседател на штипска Апелација.

По приведувањето на Георгиев, Судскиот совет експресно му го одзеде имунитетот.

Слични содржини