Преговорите меѓу Израел и Хамас, со учество на посредници, за постигнување договор за ослободување на израелските заложници од Појасот Газа треба да започнат следната недела, изјавил денеска информиран претставник.
Според изворот, кој не сакал да биде именуван, одлуката за обновување на преговорите била донесена откако шефот на израелската разузнавачка агенција Мосад се сретнал со шефот на американската Централна разузнавачка агенција и катарскиот премиер, кој имал улога на посредник.
– На крајот на состанокот беше одлучено да се отворат преговорите врз основа на нови предлози во текот на следната недела, а ќе ги водат посредници од Египет и Катар со активно учество на САД , изјавил изворот, пишува Ројтерс.
Припадниците на Хамас зедоа околу 240 лица како заложници во Појасот Газа за време на нападот на јужниот дел на Израел на 7 октомври.
Министерството за здравство на Хамас денеска соопшти дека во израелските напади врз Појасот Газа во претходните 24 часа загинале 46 лица.
-Новиот биланс на загинати од 7 октомври 2023 година, кога започна војната меѓу палестинското исламистичко движење и Израел, изнесува 35.903, се наведува во соопштението.
За повеќе од седум месеци за време на таа војна, во Појасот Газа беа ранети вкупно 80.420 луѓе.