Екс-шефот на македонската дипломатија и еден од потписниците на Преспанскиот договор, Никола Димитров смета дека „ниту Нова демократија ниту ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да го урнат мостот што со толку напор го изградивме“, говорејќи за реториката околу Договорот со кој се реши долгогодишниот спор меѓу С. Македонија и Грција.
Тој за неделното издание на грчкиот весник „Катимерини“ потенцира дека по Преспанскиот договор, граѓаните се чувствуваат изневерени, бидејќи ЕУ не успеала да го одржи ветувањето и да започне пристапни разговори со С.Македонија, а на тоа се надополнува и ветото од Бугарија.
-Импресивно е колку малку се свесни и во Грција и во Северна Македонија за тоа колку беше тежок компромисот за другата страна. Секоја страна ги признава само своите отстапки. Позитивно е тоа што ниту Нова демократија ниту ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да го урнат мостот што со толку напор го изградивме. Двете страни ги уживаат плодовите на договорот, а во исто време ги обвинуваат нивните претходници за слабостите што се констатираат. Сепак, долгорочно, мостот без грижа и одржување може да се оштети. Клучната состојка овде ќе биде одговорно раководство за да ги донесе поблиску двете реалности, рекол Димитров.
Оценува дека неопходни се преговори, средби, отворено разменување мислења, добра волја и комуникација зад затворени врати, а не преку јавни изјави.
За тоа дали новата Влада ќе може да се движи во правилна насока и да има напредок во интеграцијата во ЕУ, поранешниот министер вели дека ќе зависи од три фактори.
-Прво од нејзината способноста успешно да плови во бурните балкански води зафатени од билатерални спорови. Одговорност што се дели со нашите соседи од ЕУ, кои реално, освен Северна Македонија и тие можат да добијат од нејзиниот европски успех. Второ, управувањето и реформите во внатрешноста на земјата, каде што народот е жеден за правда и одговорности, економски развој и функционални институции. И на крај, улога ќе играат и надворешните фактори, изјавил Димитров во интервјуто.
Пред речиси пет години, на 17-ти јуни 2018 година, тогашните шефови на македонската и грчката дипломатија Димитров и Никос Коѕијас ставија потпис на Договорот со кој беше решен тридеценискиот спор за името со Грција, и отворен патот за членство на Македонија во НАТО. Потпишан во селото Псарадес (Нивици) на грчката страна на Преспанското Езеро, Договорот го доби името Преспански.
Во фиока во грчкиот парламент веќе пет години се чуваат три меморандуми кои произлегуваат од Преспанскиот договор, а се однесуваат за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, за формирање на координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на летовите.
Покрај меморандумите, грчките власти до сега не ги сменија патните табли кои водат кон Македонија. На некои од нив се уште може да се забележи референцата БЈРМ или само Скопје без ознаката МК или МКД. Грција според членот 14 од Договорот треба да се придржува кон меѓународните правила и регулативи во однос на транзитот, знаците и кодовите.