Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова уште еднаш повтори дека не го прекршила Преспанскиот договор со тоа што не го кажа уставното име на земјата при читањето на заклетвата за време на нејзината инаугурација во Собранието.
-Не одбив да ја потпишам изјавата со уставното име, ниту ја искинав, ниту реков дека ќе го поништам Договорот. Само усно и сократовски си го искористив правото на слободно изразување на мислата, како што го прават и други претседатели на држави.
Знам дека на телевизиите често оди Македонија, а и тие понекогаш имаат проекти од државата. Имаме партија која е финансирана од државата, тука мислам на СДС на Македонија, да не говорам и за името на МАНУ… Не е толку лесно тоа да го направите. Им се чудам на оние кои мислат дека со еден потег на перото, можете да се трансформирате. Тоа е дел од мене. Се што сум направила во животот, сум направила во Република Македонија, кажа претседателката, одговарајќи на новинарски прашања.
Давкова побара од јавноста уште еднаш да се прочита Преспанскиот договор, особено во делот на промената на документите за внатрешна употреба.
-Тоа е непознат феномен во историјата на човештвото. Таму се врзува овој чин и крајниот рок за истекот на 5 години, но и за отворањето на првото поглавје и на поглавјата со ЕУ. И од Брисел требале да сторат нешто за реализација на Преспанскиот договор, децидна е шефицата на македонската држава.