И покрај тоа што неговите ривали се премногу заинтересирани за електрификација, Ferrari продолжува да го развива својот прв целосно електричен модел. Извршниот директор Бенедето Виња откри како стојат работите со него во моментов во интервју за ТВ Блумберг, во кое главна тема беше трговската војна меѓу Европската унија и Кина.
Според Јутарњи.хр, шефот на Ferrari се осврнал на можноста Европа да воведе дополнителни царини за увоз на кинески електрични автомобили.
„За мене тоа е повик за акција. Слушаме приказни за војна, но повеќе размислувам за добра конкуренција“, рече Виња. Тој се осврна и на можноста за кинески контрамерки во случај на воведување европски царини. „Кина за нас не е она што е за другите марки, пазарот таму сè уште не е созреан“, рече Виња, кој очигледно верува дека Кина не е толку важен пазар за Ferrari како што е за другите производители.
Тој се осврна и на идното електрично Ferrari и повтори дека нивната цел е да го претстават првиот целосно електричен автомобил во 2025 година и дури 60 отсто од уделот на електрични и хибридни автомобили во продажбата на Ferrari веќе во 2026 година. Ferrari веќе има два успешни plug-in хибридни модели во понуда: SF90 Stradale/Spider и Ferrari 296 GTB/GTS, така што таа цел не изгледа премногу нереална.
Се претпоставува дека новиот автомобил ќе биде премиерно прикажан на крајот на следната година. „Се оди според планот и со некои процеси дури сме и пред планираниот рок. Ова се должи на големиот исчекор направен во втората половина од минатата година, кој води на вистинскиот пат кон единствен автомобил“, рече Виња и додаде дека многу клиенти веќе пројавиле интерес за купување на првото електрично Ferrari. „Тие го чекаат нашиот зелен болид“, изјави шефот на Ferrari.
Ferrari веќе наголемо се подготвува за сериско производство на новиот модел. При крај е изградбата на новата фабрика во Маранело која ќе произведува електрични мотори, конвертори и батерии за електричните автомобили на Ferrari. „Виња“ соопшти дека новата фабрика ќе биде завршена следниот месец.