„Деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче предвидува изградба само на една зграда, два паркови и решава важни урбанистички и комунални прашања на граѓаните кои живеат во овој дел од општината“. Вака велат од општина Аеродром по обвинувањата на СДСМ за спорниот ДУП на крстосницата помеѓу булеварите „Србија” и „12-та Македонска бригада”. Од општината се децидни дека во финалната верзија на урбанистичкиот план се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни.
Според општината предводена од градоначалникот Тимчо Муцунски, ДУП-от веќе добил позитивно мислење од сите надлежни институции, меѓу кои се Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина и Градот Скопје.
-Целосно неточни се тврдењата за наводна бетонизација на општината и тие единствено одат во прилог на дневно политичките интереси на одредени политички структури, чија деструктивност, неодговорност и несериозност веќе е потврдена во неколку наврати, велат од општина Аеродром.
Претходно од СДСМ го критикуваа изгласувањето на ДУП-от за градската четврт ЈИ 09, блок 09.01, според кој е предвидено изградба на една 12-катница односно зграда со приземје, десет ката и поткровје.
-Мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Совет и градоначалникот Тимчо Муцунски одлучија да ја одмолчат дискусијата и не дадоа ниту еден одговор на прашањата поставени од опозициските советници на СДСМ. Со 16 гласа ЗА и 11 ПРОТИВ беше изгласан ДУП-от за Лисиче без ниту еден изустен збор од Муцунски и советниците на ДПМНЕ, рекоа меѓу другото од партијата од „Бихаќка“.
Околу 230 анкетни листови доставија жителите на Лисиче до Општина Аеродром на вториот повик, по жестокиот отпор од тамошното население и протестите поради првичниот план за изградба на 11 висококатници по должина на крстосницата.