Костадиновска Стојчевска ја покажа претставката: „ВМРО-ДПМНЕ никогаш ништо не направиле за македонскиот јазик и молчи за гафот на Гаши“

од Nikola Popovski
982 прегледи

Партиската математика на ВМРО им е поважна од тоа македонскиот јазик да биде прв официјален јазик, порача пратеничката на СДСМ и министерка во заминување, Бисера Костадиновска-Стојчевска, објавувајќи ја претставката за заклетвата на претседателот на Сборанието, Африм Гаши, кој прво ја даде на албански, па на македонски јазик.

-Тврдењето на очигледно лошо брифираниот колега од ВМРО-ДПМНЕ дека сум дала претставка до непостоечки инспекторат е уште една нивна лага упатена кон граѓаните, додава Костадиновска Стојчевска.

Претставката која преку архива уредно ја поднесов, истакнува пратеничката, e до Секторот за управен и инспекциски надзор при Министерство за култура, кое според Член 21 од Законот за македонски јазик го врши надзорот над спроведувањето на овој закон и на прописите донесени врз основа на овој закон.

-ВМРО-ДПМНЕ никогаш ништо не направиле за македонскиот јазик. Од тука нека не се изненадуваат граѓаните што ВМРО-ДПМНЕ молчи на гафот на Гаши. Со новиот Закон за употреба на македонскиот јазик кој го донесовме после 18 години и сите механизми кои произлегуваат од ова законско решение, ВМРО-ДПМНЕ сега имаат можност да покажат барем еднаш дека се грижат за македонскиот јазик и негова правилна употреба, потенцира министерката за култура во заминување.

Пратеничката очекувала дека актуелната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, која беше пратеник кога се подготвуваше текстот на Законот за употреба на македонскиот јазик, најостро ќе го осуди чинот на заклетва. Костадиновска-Стојчевска пред два дена истакна и дека новата претседателка го нарушила духот на мултиетничноста на државата, но и духот на Уставот и Законот за употреба на македонскиот јазик.

Исто така во гостување на емисија, пратеничката ја појасни ситуацијата со молкот на СДСМ во Собранието за дадената заклетва на Гаши.

-Кога претседавачката на Собранието прва почна да ја чита заклетвата на албански јазик, реагиравме со механизам кој што во тој момент е дозволен во Собранието. За да појаснам во однос на критиките, во тој момент немаме право да се пријавуваме за збор, ниту процедурално, затоа што во тој момент имаме само политички претставници на партиите, пратеничките групи не се формирани и немаме координатор на пратеничка група. Не можевме да го спречиме во тој момент, во однос на давањето на заклетвата и читањето прво на албански јазик. Не ни паѓаше на крај на памет да го повториме „27 април“, ниту да попречиме било каков процес, изјави Костадиновска Стојчевска.

Слични содржини