ДУИ ќе преземе демократски механизми за заштита на легитимитетот на Албанците, изјавил министерот за економија во заминување и пратеник на ДУИ, Крешник Бектеши.
„Кај нас, како членови на Претседателството на ДУИ, идеи доаѓаат од интелектуалци и луѓе кои придонеле многу за државата, не само од Албанците, туку и од другите етнички заедници. Веќе разговаравме за неколку опции. До крајот на неделата ќе има конкретни чекори што ќе ги преземеме и нив ќе ги најави претседателот на партијата Али Ахмети“, кажал Бектеши во изјава за медиумите.
Тие механизми, како што рекол, се темелат на тоа што ДУИ како лидер на „Европскиот фронт“ добила поголема доверба од Албанците во земјава, со разлика од над 30 илјади гласови и шест мандати повеќе од коалицијата ВЛЕН.
Бектеши нагласил дека ДУИ не бара да биде во владата по секоја цена, туку бара да се почитува легитимитетот на мнозинството Албанци и другите етнички заедници.
„Бараме да се почитува духот на Охридскиот рамковен договор и од страна на мандатарот, во случајот тоа веројатно ќе биде Христијан Мицкоски. ДУИ секогаш се покажала како државотворна партија и ќе ги користи сите демократски механизми. Не зборувам механизми дека сакаме да го уплашиме народот“, додал министерот за економија во заминување.