Град Скопје три години не обезбедува бесплатни менструални производи на средношколките: ЗА АРСОВСКА ТОА СЕ ПАРИ ЗА ГЛУПОСТИ?

од Илинка Илиоска
1,3K прегледи

Училишната година веќе завршува, а трета година по ред се чека Град Скопје да им обезбеди бесплатни менструални производи на ученичките од средните училишта во Скопје. Со гласањето на буџетот на Градот за 2023 година за оваа намена беа предвидени 4 милиони денари што е сума двојно поголема од буџетот за 2022 кога за оваа намена беа предвидени 2 милиони денари.

Активистката за заштита на женските права од Тиииит! Инк, Јана Коцевска потенцира дека неостварувањето на одлуките на Градот се разочарувачки.

„Две години по ред имаше навистина солиден буџет за обезбедување на менструални продукти во скопските средни училишта и ништо од тоа не се реализираше особено имајќи предвид дека оваа мерка не се спроведе дури и додека имаме жена на градоначалничката позиција што го прави дополнителен пораз за Градот Скопје“, истакна Коцевска за Локално.

Таа изрази и дополнително разочарување затоа што за оваа година нема информации дали има одвоено буџет за менструални продукти, но исто така како здружение бараат од Градот јавно да известат зошто оваа мерка не се спроведе дури и со двојно поголем буџгет во 2023.

„Тиииит! Инк поднесе формално барање за информации од јавен карактер до Град Скопје за да одговорат на ова прашање, но тие не ја испочитуваа законската обврска да ни одговорат во рок од еден месец, а веќе помина точно една година откако го поднесовме барањето“, рече Коцевска.

Амандманот на советничката во Советот на Град Скопје од редовите на ДОМ, Теодора Крстевска Радончиќ со кој од декември 2021 сите ученички вклучени во образовниот процес во скопските средни училишта требаше да добиваат бесплатни менструални производи по се изгледа нема ниту да биде реализиран барем додека Данела Арсовска е градоначалничка.

Одвоените пари за таа намена не се трошат.

„Ништо не се случува, Данела изрично рече, сè додека е она градоначалник колку пати и да се гласа амандманот она никогаш нема да го реализира. За неа тоа се пари за глупости. Парите не се пренаменети, едноставно остануваат како нереализирани … за жал тоа е. Здравје боже, следниот градоначалник и совет можеби ќе препознае колку е значајна иницијативата и ќе ја спроведат“, изјави Крстевска Радончиќ за Локално.

Таа освен што упати критика до овој состав на градската администрација кажа дека е разочарувачки тоа што за реализација на иницијативата нема интерес ниту од директорите на средните училишта, а и од секторот за образование.

„Има многу позитивни иницијативи кои остануваат вака. Не е само од мене, туку и од Зелен Хуман Град“, рече Крстевска Радончиќ.

Одлуката да се обезбедат бесплатни менструални производи за ученичките од средните училишта следеше по сеопфатната студија „Менструална правда“ од „Тииииит! Инк.“ и „Реактор – истражување во акција“, според која 81 отсто од средношколките сметаат дека во училиштата треба да има бесплатни производи за менструална хигиена.

Исто така, 79 отсто од испитаничките одговориле дека во нивното училиште нема секогаш сапун или тоалетна хартија. Една петтина рекле дека немаат ниту чешма за миење раце во тоалетите.

Околу 65 отсто од учесничките во анкетата одговориле дека во нивното училиште никогаш немало предавања или разговори за условите за одржување менструална хигиена.

И.И.

Слични содржини