Стручниот колегиум од Државната кардиохирургија денеска во реакција на синоќешната изјава на министерот за здравство Илир Демири вели дека тој „лиферувал безброј лаги, шпекулации и невистини во врска со долгогодишното работење на Клиниката за кардиохирургија“.
„Дали е целта да се направи дефокусирање на јавноста од вистинските проблеми во здравството, со што се доведуваат во општа опасност животот и здравјето на граѓаните на Република Северна Македонија? Имено, командната одговорност за нефункционирањето на хируршкиот блок на Клиничкиот центар, кој претставува срцето на здравствениот систем, е во рацете на човекот, за чија стручност и професионалност сите беа информирани, кога како раководител на Ковид-центарот во време на пандемија, Македонија заврши на неславното четврто место во Европа и шесто место во светот по бројот на смртни случаи“,
Зарем на овој човек, „ќе му се дозволи со давање паушални и своеволни субјективни судови, со кои ги доведува во прашање стручноста, капацитетот и многугодишното образование на малкумината специјалисти кои пожртвувано, свесно и одговорно го даваат и последниот атом од својата сила, за да им помогнат и да ги лекуваат најтешките случаи за кои навидум нема спас, притоа запоставувајќи ги своите семејства, своето здравје и жртвувајќи го своето слободно време, да предизвика непоправлива штета?“, наведуваат од стручниот колегиум во реакцијата.
Според соопштението, „со злоупотреба на својата позиција како министер, се служи со секакви методи познати во некои други општествени уредувања за да дисциплинира исклучителни професионалци“.
Од Клиниката велат дека тој го доведува во прашање кредибилитетот на образовниот систем, Медицинскиот факултет и на сите професионални здруженија на лекари.
„Ја напаѓа програмата на Владата за кардиоваскуларни болести, преку која во нашата институција дошле да ги споделат своите искуства врвни професионалци, како професор Омер Џемаили, кој е сега директор на Одделот за кардиохирургија во Цирих, Швајцарија, доктор Петар Ристевски кој е негов заменик, професор Светозар Путник, директор на Клиниката за кардиохирургија во Универзитетската клиничка болница во Белград, професор Слободан Мичовиќ, директор на Институтот за кардиоваскуларни заболувања – Дедиње во Белград, професор Иван Кнежевиќ, директор на хируршки блок при КБЦ – Љубљана, професор Марек Ерлих, шеф на Универзитетската клиника АКХ во Виена, професор Теодосиј Биздас, врвен експерт во ендоваскуларната хирургија од реномираниот центар Оназис во Атина. Судејќи според неговата стручност и експертиза, се сомневаме дека воопшто слушнал за овие центри и нивните достигнувања. Очигледно мотивиран од други цели, спротивни на хуманоста, грижата за здравјето и животот на граѓаните, а опкружен со луѓе кои се наоѓаат на дното на стручноста и професионалноста, неговиот порив е да се предизвика неповторлива штета на јавното здравство со непромислените и невистинити изјави, како и дејствија планирани во јавноста“, се вели во соопштението.
Демири во гостувањето демантираше дека е политичка пресметка разрешувањето на директорот на Државната кардиохирургија и рече дека таму ситуацијата е многу сериозна и оти треба да се донесе квалитетен експерт од странство кој ќе ги едуцира младите кадри.