Државниот испитен центар за првпат формира 10 комисии по еден за секој предмет од матурата, кои ќе утврдуваат евентуални неправилности и препишувачи. Ова следува откако во сабота беше откриена Вибер-група во која беше споделен тестот по мајчин јазик и литература, односно поради прекршување на правилата и користење мобилен телефон за време на испитот.
Ова денеска го изјави Билјана Михајловска, директорката на Државниот испитен центар, во врска со масовното препишување кое беше пријавено во саботата.
ДИЦ и за ова формираше комисија составена од експерти кои ќе имаат задача да откријат кои матуранти препишувале. Нивниот тест ќе биде поништен и тие ќе полагаат во августовскиот рок.
-Ако се членови на таа вибер група не можеме веднаш да кажеме дека тие 7 илјади лица препишувале. Некои ученици можеби влегле во групата пред месец дена, не знам кога е направена, но тоа не значи дека на денот на испитот имале телефон кај себе и дека гледале што се случува во вибер групата“, информира Михајловска.
Државниот испитен центар нема ингеренции да ја избрише групата, но на оценувачите ќе им биде даден текстот од разговорот од групата на Вибер.
Ќе дадат предлог до Министерството за образование и наука, како што најави Михајловска, но и до новата влада во иднина да се најде начин за обезбедување блокатори на сигнали за мобилни телефони, а исто така ќе апелира на тестаторите да им се плаќа за учество во матурата, како што стои и во неусвоениот нов закон за средно образование.
На Вибер група со речиси 7.000 членови се споделувале решенијата од испитот по мајчин јазик – можеше да се види од фотографиите кои се појавија во јавноста. На нив се гледа дека учениците уште пред почетокот на испитот го фотографирале тестот, а неколку часа подоцна почнале да се споделуваат и одговорите.
Во саботата матурантите го полагаа задолжителниот екстерен испит – мајчин јазик, за кој беа пријавени 10 088 кандидати за македонски јазик и литература, 4189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.
Претстојната сабота, 8 јуни, ќе биде полагањето на вториот (изборен) екстерен испит. Прелиминарните резултати од двата екстерни испита ќе бидат објавени најдоцна до 8 јули односно 30 дена од полагањето на последниот екстерен испит.