ВМРО-ДПМНЕ: Скандалот со хируршките сали да се случеше во европска држава, досега одговорните функционери ќе беа „искуферени“

од Nikola Popovski
2,5K прегледи

Дваесет дена владее хаос на Клиниката на хирургија, повторно обвинија утрово од ВМРО-ДПМНЕ по скандалот со затворените хируршки сали. Според партијата, „министерот за здравство префрла вина, заменичката министерка прославува родендени, а 12 директори молчат и се кријат за овој скандал“.

-Неброени операции се одложени, животи на луѓе се загрозени, а десетици луѓе дневно се препраќаат во други здравствени установи или приватни клиники и некој си игра пинг понг со нивните судбини. Да се случеше нешто слично во европска држава, досега раководните функционери не само што ќе беа „искуферени“ од нивните фотелји истиот ден, туку следниот ден ќе беше поведена постапка за нивна одговорност пред законите, велат меѓу другото од партијата на Христијан Мицкоски.

По хаваријата во системот за снабдување со кислород и компримиран воздух во хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, заменик-министерката за здравство, Маја Манолева вчера извести дека привремено решение е најдено со нови надворешни компресори.

Како што рече таа, било договорено, на пример, да работи една наместо две операциони сали, но, во две смени со што практично би го добивале речиси доволниот капацитет на хируршките сали.

-Дополнително на ова со директорите на хируршките клиники, а во консултација претходна и со раководството на ФЗО и БЈН, беше договорено дека директорите треба да отпочнат постапка за итна набавка на надворешни компресори со што реално би го надминале овој проблем сѐ до конечно решавање на проблемот за снабдување со централен компримиран воздух. Исто така, на овој состанок утринава побарав од директорите да започнувајќи од утре, веќе почнат да доставуваат извештаи за сработени итни, елективни интервенции, коишто се направени на секоја од клиниките посебно, а истовремено и тоа на дневно ниво, а истовремено на неделно ниво да се доставува извештај за да побаран, но и обезбеден персонал којшто го побарале ГОБ и „8 Септември“ до хируршките клиники и можноста за испраќање соодветен потребен персонал, кажа Манолева.

Хируршките сали во Клинички центар во изминатите денови се затворени, а како причина за тоа е наведен непријатниот мирис кој се ширел во нив.

Од Министерството за здравство до Обвинителството стигнало известување дека имало проблеми со функционирањето на вентилацискиот систем во хируршките сали.

Од Обвинителството, пак, известија дека предметот е распореден кај обвинител, кој треба да провери дали во овој случај има кривично дело, односно дали постои основа да поведе кривична постапка и против кого.

Слични содржини