Водител на поткаст (со Леброн) блиску до позицијата тренер на Лејкерси!?

од Vladimir Zorba
3,4K прегледи

Леброн Џејмс неодамна јавно изјави дека нема да има улога во одлуката кој ќе биде нов тренер на Лос Анџелес Лејкерс. Но, многу е јасно дека раководството на трофејната организација на чело со Роб Пелинка ќе се погрижи замената на отпуштениот Дарвин Хам да биде некој кој има добри односи со „Кралот Џејмс“.

Има ли подобар кандидат за испразнетото место од популарниот аналитичар кој заедно со Леброн го води кошаркарскиот подкаст „Mind the Game“?

Станува збор за 39-годишниот Џеј Џеј Редик, човек кој има богато НБА искуство. Овој бек од Вирџинија играше од 2006 до 2021 година во најсилната светска лига, а пред тоа имаше доста успеси на Универзитетот Дјук.

Откако го објави своето пензионирање во 2021 година, Редик беше домаќин на многу поткасти, вклучувајќи го и гореспоменатиот во кој се појавува Џејмс, еден од најуспешните кошаркари на сите времиња. Во меѓувреме, популарниот поткастер Редик започна да работи и на телевизиската мрежа ESPN, каде главно служи како разумна и професионална противтежа на „контроверзните“ мислења на аналитичарите како Кендрик Перкинс и Стивен Смит.

Според „инсајдерот“ Шамс Чаранија, Редик е еден од двајцата многу сериозни кандидати за оваа тренерска функција, која несомнено ќе биде во центарот на медиумското внимание. Другиот е Џејмс Борего, помошник тренер на Њу Орлеанс Пеликанс, кој претходно четири години ги водеше Шарлот Хорнетс.

Доколку Редик ја преземе улогата на тренер на тим кој освоил 17 титули во НБА, тоа би било изненадување, но не и невидена ситуација во НБА. На пример, Стив Кер, тренерот кој е четирикратен шампион во НБА со Голден Стејт, работеше и во медиумите пред да седне на клупата на „Воините“.

Сепак, постои разлика. По завршувањето на играчката кариера, Кер помина шест години како шеф на управата на Феникс Санс, додека Редик нема такво искуство.

Слични содржини