Украинецот Андриј Лунин (25) сезонава бранеше за Реал Мадрид на 31 натпревар. Прими 32 гола, а 12 пати ја сочува својата мрежа. Лунин го спаси Реал во Лигата на шампионите, во која се појави осум пати. Бранеше за Реал во целата нокаут фаза и брилјираше против Лајпциг и Манчестер Сити, но во финалето на голот застана закрепнатиот Тибо Куртоа.
Белгиецот отсуствуваше цела сезона поради скинати вкрстени лигаменти, а Лунин го искористи тоа и успеа да му се наметне на Карло Анчелоти пред Кепа. Украинецот беше одличен и во Ла Лига и е еден од најзаслужните што Реал сезонава ја освои шампионската титула и Лигата на шампионите.
На Лунин неколку дена пред финалето му се слоши, па Анчелоти посегна по Куртоа против Борусија Дортмунд. На крајот Лунин беше подготвен да брани, но сите 90 минути ги помина на клупата.т Реал победи со 2:0 и ја освои 15. титула во Лигата на шампионите, а неколку дена подоцна го потврди трансферот на феноменалниот Килијан Мбапе во целосна еуфорија.
Во клубот моментално владее идила, но истата ја нарушува незадоволниот Лунин, за кој се верува дека е единствениот незадоволен играч во соблекувалната на Реал. „Релево“ пишува дека украинскиот голман ја разбира одлуката да брани Куртоа во финалето, но дека сепак одлуката го боли него, но и луѓето околу него. Лунин смета дека одлуката на Анчелоти не била фер.
Лунин практично се согласи да го продолжи договорот со Реал, но тоа не му гарантира дека ќе брани. Поради ова неговата иднина во клубот се уште е неизвесна. За него постои огромен интерес од клубови кои веднаш би го потпишале.
Според Transfermarkt, Лунин вреди 16 милиони евра, а неговиот договор со Реал е до крајот на јуни 2025 година. Во кариерата бранеше за Днипро, Зорја, Леганес, Ваљадолид и Овиедо.
Во Реал е од 2018 година кога пристигна од Зорја Луганск за 8,5 милиони евра.