Не би ги злоупотребувала имињата, но можам да кажам дека имав разговори во изминатиот период. Барав совети, што за мене е својствено и никогаш не се срамам да кажам дека барам совети од поискусните и помудрите од мене, изјави денеска пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска по поднесувањето на кандидатурата за иден лидер на СДСМ, одговарајќи на прашањето дали има поддршка од поранешни и актуелни функционери кои ја поддржуваат нејзината кандидатура.
Петровска истакна дека добила позитивни сигнали од функционерите во партијата.
-Сметам дека ако тие ценат дека треба јавно да ме поддржат, можат тоа да го направат, рече екс-министерката за одбрана во изјава за медиумите.
Покрај Петровска, кандидатура за нов претседател на СДСМ, поднесе и поранешниот министер за здравство, Венко Филипче. Во текот на денот се очекува и кандидатурата на првиот човек на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
Засега е непознато дали за иден лидер на СДСМ ќе се кандидира и директорот на Царина и поранешен прв човек на младината на СДСМ, Стефан Богоев, иако во јавноста се споменуваше неговото име.