Невработеноста во Русија повторно падна во април оваа година на 2,6 отсто од 2,7 во март, што го достигна историскиот минимум за периодот на набљудување на овој индикатор од 1991 година, објави Росстат.
Вкупниот број на невработени во Русија во април изнесува 1 милион 961.000 лица, што е за 65.000 помалку од март, пренесе Интерфакс.
Државната служба за статистика денеска наведува дека инфлацијата во Руската Федерација од 28 мај до 3 јуни изнесувала 0,17 отсто, а на годишно ниво останува над 8,1 отсто. Растот на реалните плати (коригирани според инфлацијата) во Руската Федерација во март изнесува 12,9 отсто, по растот од 10,8 отсто во февруари и 8,5 отсто во јануари, објави денеска Росстат.
Просечната месечна плата во Руската Федерација номинално изнесувала 87.740 рубли (околу 910 евра) во март 2024 година, што е зголемување за 21,6 отсто во однос на март 2023 година. Интерфакс наведува дека растот на рускиот БДП во април 2024 година, според податоците на Министерството за економски развој, споредено со истиот период лани, изнесува 4,4 отсто.
Ова ниво на раст на руската економија следеше по зголемувањето од 4,2 отсто во март, 7,6 отсто во февруари и 4,8 отсто во јануари. Министерството го процени растот на рускиот БДП за периодот од јануари до април годинава на 5,1 отсто.