„Блумберг“: Столтенберг ги повлече плановите за воена помош од 100 милијарди долари за Украина

од Nikola Popovski
770 прегледи

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги повлекува плановите за формирање петгодишен фонд од 100 милијарди долари за воена помош за Украина, по негодувањата на одредени земји-членки на Алијансата, соопштиле за „Блумберг“ неименувани извори.

Агенцијата наведува дека, според новиот предлог, за кој се очекува да добие поддршка од министрите за одбрана на земјите-членки на состанокот во Брисел следната недела, земјите од НАТО ќе се обврзат да обезбедат годишна помош за Украина во вредност од најмалку 43 милијарди долари, што би вклучувало оружје и други форми на помош.

НАТО ќе го одреди придонесот на секоја земја според процентот од нивниот бруто домашен производ и најверојатно ќе објави податоци за донации во годишен извештај, наведува „Блумберг“.

Столтенберг претходно го претстави планот за собирање фонд 100 милијарди долари помош за Украина во текот на пет години, но некои земји-членки на НАТО негодуваа поради тоа, доведувајќи ја во прашање изводливоста на таков план.

„Досега трошевме приближно 40 милијарди годишно, но она што јас барам од сојузниците да го направат е да се обврзат да го направат тоа во наредните години“, рекол Столтенберг по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО на 31 мај. во Прага.

Слични содржини