МЗ: Паднатиот ѕид е изграден на државно земјиште, Град Скопје и општина Центар да изнајдат итно решение

од Nikola Popovski
2,5K прегледи

Во случајот со паднатиот потпорен ѕид позади Клиниката за детски болести, истиот е изграден на државно земјиште, а Министерството нема прибележано право за трајно користење на тоа земјиште, велат од ресорот здравство во врска со опасноста што демне на улицата „Белградска“ во Скопје.

Според МЗ, секој од објектите во Клиничкиот центар има право на користење на објектите, но нема доделено право на трајно користење на земјиштето околу клиниките.

-Во интерес на граѓаните, потребно е да се изнајде итно решение во заеднички напори со надлежните институции Градот Скопје и Општина Центар кои треба да бидат иницијатори за решавање на проблемот, поради тоа што се работи за улица, а надлежните инспекциски служби да дадат мислење за моменталната безбедност, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Претходно од општина Центар ги демантира наводите и шпекулациите дека санацијата на потпорниот ѕид на Клинички Центар и улица „Белградска“ се во надлежност на општината.

Согласно договорот за меѓуопштинска соработка меѓу Градот и Општината, сите обврски за одржување на функционалноста на улица „Белградска”, што подразбира и градежни активности ако е потребно, е одговорност и обврска на Град Скопје, а Општина Центар не смее да презема активности во тој домен.

Вчера се урна дел од потпорен ѕид на оградата кај Детската клиника на Клиничкиот центар во Скопје. Граѓани пријавиле на бројот 112. Првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов бара веднаш да се реши проблемот со потпорниот ѕид за да се спречи поголема катастрофа.

-Но не е првпат да биде пријавено, вели Ангелов, а дописи се испратени и до Министерството за здравство, Град Скопје и Општина Центар.

Од Град Скопје се изземаа од одговорност и посочија дека Општина Центар и Министерството за здравство се одговорни за овој проблем.

Слични содржини