Арбен Фетаи – секретарот за надворешни работи кај Алијансата за Албанците и шеф на кабинетот на Арбен Таравари, ќе биде новиот вицепремиер за политики и добро владеење, на местото на досегашната вицепремиерка Славица Грковска. Ова денеска го обелодени токму Таравари гостувајќи на телевизиска емисија.
Според информациите, Фетаи е експерт за европски политики и меѓународен развој, со 20-годишно искуство со меѓународни институции и фондации на повеќе континенти во светот. Од 1989 година, Фетаи живее во Белгија, а бил ангажиран и во регионот, работејќи како надворешен советник во Кабинетот на премиерот на Косово во периодот 2004-2008 година.
Името на Фетаи го најави членот на ВЛЕН и новиот министер за здравство, Таравари.
„Арбен Фетаи живее во Брисел. Мислам дека има подобра биографија од луѓето што живеат во Македонија на ова поле. Ќе го остави семејството и работата во Брисел на некое време и ќе се врати овде. Ќе работи со посебна транспарентност за добро владеење“, рекол Таравари.
Многу наскоро од денес ќе бидат објавени сите имиња на функционерите на владата, која ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ. Уште еден член на ВЛЕН и лидер на Демократското движење, Изет Меџити вчера најави дека новата влада ќе биде формирана на 19-ти или 20-ти јуни. Се очекува Меџити да биде прв вицепремиер и министер за екологија.