Лекарите испишаа ново поглавје во историјата на ортопедската онкологија на Универзитетската клиника за ортопедски болести во Скопје. Тимот предводен од проф. д-р Милан Самарџиски изведе за првпат во Македонија операција за отстранување на тумор од рамото на 16-годишна пациентка. На истата операција, туморот беше отстранет, коската зрачена на Клиниката за онкологија и радиотерапија, и повторно вратена кај пациентката – реимплантирана.
Предоперативната подготовка и радиодијагностика ги спроведе д-р Ивана Панчевска. Тимот хирурзи ги вклучуваше: проф. д-р Милан Самарџиски, д-р Теодора Тодорова, проф. д-р Лазар Тодоровиќ, д-р Златко Алексовски, д-р Индрит Капроли и д-р Марио Младеновски. Тимот од Клиниката за онкологија и радиотерапија, вклучуваше медицински физичари: доц. д-р Душко Лукарски, Александар Атевиќ, Милена Теодосиевска Дилиндарски, и радијациони онколози проф. д-р Игор Стојковски и д-р Маја Иванова. Анестезиолошкиот тим го предводеше проф. д-р Јасминка Нанчева, со д-р Игор Трпковски и м.с. Злата Апостолоска. Тимот инструментарки го предводеше м.с. Сузана Пејчиновска, со Биљана Тројановиќ, Валентина Стојчевска и Оливера Лазаревска. Тимот патолози го предводеше проф. д-р Славица Костадинова Куновска и д-р Тамара Ангеловска, а од васкуларна хирургија доц. д-р Никола Граматниковски.
Лекарската комора им честиташе на колегите за успешната интервенција, а на пациентката ѝ посакува брзо оздравување.
Оваа интервенција, за првпат изведена во Македонија, досега не е применета ниту во соседните земји како Хрватска и Србија и отвора пат за нови хируршки интервенции во ортопедската онколошка хирургија и може да го намали бројот на пациенти кои се лекуваат во странство.
Иако првичниот план бил зрачењето на коската да трае 40 минути, лекарите успеале да ја реимплантираат по само 20 минути.