Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски смета дека ВМРО-ДПМНЕ де факто го прифати Преспанскиот договор, а сега, како што вели, малку глумат со тоа што усмено не го користат името, ама писмено низ пишаните документи го користат.
За мене, истакнува Спасовски, е многу поважно, посуштински она што беше понудено пред изборите, а тоа е ревидирање на Прееспанскиот и Охридскиот договор, договорот за добрососедство со Бугарија и ревидирање на преговарачката рамка.
-Врз основа на ова тие ги добија изборите. Оттука очекувам тоа и да го спроведат, кажа екс-министерот за внатрешни работи во емисијата „24 анализа“.
Спасовски се осврна и на вчерашната изјава на идниот премиер Христијан Мицкоски.
-Ако вие создадете документ во кој ќе се наведе што не се почитува од другата страна и ќе најдете решение како да се почитува, јас како пратеник тоа ќе го поддржам, тука немаме разидување, рече пратеникот.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ информираше дека е подготвен документ кој покажува колку секоја од страните го имплементирала Преспанскиот договор. Тој притоа очекува сите стратешки партнери на земјава и оние кои се дел од договорите дека ќе ги почитуваат онака како што и Македонија ги почитува.
Поранешните премиери Заев и Ципрас во заедничката колумна за „Еуроактив“ ја повикаа Европската унија и Меѓународната заедница јасно да стават до знаење оти почитувањето на Преспанскиот договор е единствениот пат на земјава до Европската унија.
И Заев и Ципрас сметаат дека новото раководство во Скопје го крши духот и словото на Преспанскиот договор. Според нив, тоа може да го дестабилизира регионот и да ја доведе до прашање иднината на земјата.