На самитот на ПСЈИЕ, претседателката Гордана Сиљановска Давкова му обезбеди седиште до себе на шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис, и ја истакна важноста на соработката помеѓу земјите во регионот. Во своето обраќање, Сиљановска го цитираше Сократ и ги нагласи принципите на меѓународното право, истакнувајќи дека довербата се гради преку елиминирање на двојните стандарди и почитување на правдата.
„Седевме еден до друг. Многу сум задоволна што дојде. Му оставивме простор да се обрати на крајот,“ рече Сиљановска на прес-конференцијата по самитот, откако Герапетритис замина за Грција. Таа објасни дека средбата била пријатна и пријателска, додавајќи дека луѓето од Балканот умеат да се разберат кога е потребно.
Сиљановска истакна дека политичките промени не треба да влијаат на почитувањето на меѓудржавните договори и дека добрите односи помеѓу Македонија и Грција се клучни за регионалната стабилност и интеграција во Европа.
„Затоа во својство на претседавачи на ПСЈИЕ ги охрабрувам европските партнери да останат доследни, кредибилни и принципиелни кон европската идеја. Не е доволно да велите дека ЕУ е недовршена приказна и недовршена симфонија без Западниот Балкан, туку треба во оркестарот да го вклучите и Западниот Балкан, треба и тој ноти да пишува и да учествува во европските работи“, истакна Сиљановска.
Таа нагласи дека сите документи од нејзиниот кабинет излегуваат со името Северна Македонија, според уставното име на државата.
„Да потсетам, моите документи, тие што ги потпишувам, тие што ги поседувам, пасош, лична карта, сите документи кои излегуваат од кабинетот се со уставното име,“ рече Сиљановска, додавајќи дека секој човек има право на слободно изразување на мислата.
Поранешниот претседател Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои беа вклучени во овој процес, добија благодарност од Сиљановска за нивниот придонес. На крајот, таа порача дека патот кон Европа ќе продолжи и дека Грција ќе биде меѓу оние земји кои ќе застанат до земјите од Западен Балкан, со надеж Европа да стане поширокото семејство на сите држави.