Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на учеството на Самитот за мир во Украина што се одржува во Швајцарија, денеска остварила средба со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда.
Кабинетот на Сиљановска-Давкова информира дека на средбата биле разменети мислења за билатералните односи, за состојбите во регионот, европските интеграции и за глобалните безбедносни предизвици, како и соработката на двете држави како сојузнички во НАТО.
-Соговорниците изразија задоволство од одличната соработка воспоставена на традиционално пријателство и констатираа дека двете држави споделуваат врска создадена во текот на три децении соработка, меѓусебна почит, доверба и разбирање. Беше посочено дека оваа година славиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, што е доказ за трајно партнерство и заедничките вредности, се наведува во соопштението.
Претседателката ја поздравила „недвосмислената поддршка од Полска на долгиот македонски пат кон ЕУ“ и ја нагласила „важноста од континуираната и отворена поддршка на Полска на македонскиот евроинтеграциски пат“.