Работна група на Министерството за култура во текот на месец април и мај 2024 година изврши увид во работата на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
Во извештајот објавен овој месец се идентификувани критични недостатоци во примена на законската регулатива, утврдени се слабости во работата на Агенцијата за филм, дефинирани се и активности кои треба да ги преземе Агенцијата за надминување на актуелните состојби и дадени се препораки до Владата за законски измени.
Фокус на извештајот е да се обезбеди доследна примена на законската регулатива и примена на принципот на владеење на правото, потиснување на непотизмот, клиентелизмот, неселектизам при постапување и сузбивање на корупцијата.
Транспаренси Интернешнл-Македонија преку соопштение ги поздрави извештајот и иницијативата на Министерството за култура, коешто одлучи јавно и транспарентно да укаже на нерегуларностите коишто се случувале во Агенцијата за филм, но укажува на тоа дека конкретни мерки сè уште нема.
„Агенцијата има стопирано исплата на средства за веќе потврдени филмски проекти, а од што филмските уметници сè уште се соочуваат со штетни последици. Поради тоа, а на основа на овој извештај и сите претходни извештаи во врска со проблемите во Агенцијата за филм, ја повикуваме Владата и идниот министер за култура да се посветат на итно преземање на мерки и активности за разрешување на овие состојби, особено имајќи го предвид фактот дека филмските работници се од исклучително значење за промоција на македонските вредности кон надвор“, се вели во реакцијата на Транспаренси.