„Граѓаните заслужуваат да знаат што ќе се случи со просечната плата од 41.085 денари која ви ја оставивме во наследство или не смеете да го соопштите својот цврст став против зголемување на платите во државата, нешто што неуморно во изминативе седум години го правевте. Немате ништо ниту за достоинството на работниците, зошто сега молчите и за вашето противење на растот на минималната плата, бевте најжестоки критичари на системското решение со кое обезбедивме работникот да има достоинствени приходи“, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи денеска во македонското Собрание на расправата за изборот на новата Влада.
Зборувајќи за предлог-програмата, Битиќи посочи дека ВМРО-ДПМНЕ во предизборниот период велеше дека граѓаните им се во фокусот, а не даваат конкретен одговор на тоа што ќе се случува со нивните плати, со нивната куповна моќ во 2028 година.
„Имам впечаток дека и самите сте скептични и несигурни во економскиот дел од програмата, дека немате кадровски потенција да создадете конкретен економски резултат кој денес ќе можете да го кажете пред граѓаните. А ако ви е во план да продолжите со имплементирање на системските решенија кои владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги воведе во изминатите седум години – годишното системско зголемување на минималната плата, растот на пензиите, поддршката на домашните компании која се изедначи со таа која беше (во ваше време) само за странските компании – тогаш тоа го сфаќам како комплимент за добрите наши политики“, рече Битиќи и потенцираше дека тоа зборува за лицемерието на партиските економски експерти и експерти на ВМРО-ДПМНЕ кои во предизборието, а и од избори до избори, ги критикуваа мерките за раст на стандардот на граѓаните, а кои беа креирани за да не подлежат на политички и партиски „егзибиции и гимнастики“.
„Кога платите не се содржани во програмата на една Влада, како што е случај со оваа, тоа укажува на недостаток на конкретни мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Кредибилноста на Владата за решавање на основните економски и социјални проблеми е поткопана уште денес“, рече Битиќи.