Францускиот претседател Емануел Макрон вчера предупреди дека победата на екстремната левица или екстремната десница на вонредните парламентарни избори може да предизвика „граѓанска војна“ во земјата.
Макрон истакна дека екстремната левичарска коалиција и екстремно десничарскиот Национален собир на Марин Ле Пен спроведуваат политика на поделби што ги поттикна тензиите.
-Одговорот на екстремната десница на несигурноста „ги сведува луѓето на нивната религија или нивното потекло“ и ги „турка луѓето кон граѓанска војна“, рекол Макрон во подкаст, пренесува Политико.
-Екстремната левица, предводена од Жан-Лук Меланшон, поттикнува поделби за целите на изборната кампања, „која исто така промовира граѓанска војна, бидејќи ги сведува луѓето на нивната религиозна или етничка група“, навел Макрон, додавајќи дека екстремните левичари се обидуваат да ги привлечат муслиманските гласачи со нивната критична позиција за израелската војна во Газа.
Францускиот претседател предизвика узбуна, не само во Франција, туку и низ Европа, кога распиша предвремени избори откако неговата коалиција беше убедливо поразена од Националниот собир на европските избори.
Последните анкети покажуваат дека Националниот собир ќе освои 35 отсто од гласовите во првиот круг на 30 јуни, пред левичарскиот сојуз со 27 и коалицијата на Макрон со 19 отсто.
Во последните денови, сојузниците на францускиот претседател предупредија на ризиците со кои се соочува Франција ако гласачите се свртат кон крајната десница или крајната левица, особено укажајќи на ризикот од економски превирања.
Макрон вчера отишол чекор понатаму, предупредувајќи на можноста од „конфликт и граѓанска војна“.
„Кога ви е доста од сè, а секојдневниот живот е тежок, можете да бидете во искушение да гласате за екстреми кои имаат побрзи решенија, но решението никогаш нема да биде отфрлање на другите“, кажал Макрон.